По минатогодишниот настап на фестивалот „Музика Мунди“ во Брисел, македонскиот пијанист Симон Трпчески овој месец ја почна мини-турнејата заедно со Максим Венгеров, кој се смета за еден од најголемите виолинисти на сите времиња.
Синоќа серијата камерни концерти стартуваше на сцената на лондонската сала „Барбикан“. Двајцата уметници настапија со дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел.
-Нашето пријателство датира веќе неколку години. Уште пред 20 години нашиот заеднички продуцент од ЕМИ Класикс, Џон Фрејзер, ни зборуваше на двајцата посебно дека еден ден треба да се споиме на сцена, аналогно на нашите музички темпераменти и менталитети. По толку долго време, на наша лична иницијатива спонтано доаѓа до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во нашата професија, бидејќи се работи за човек што има создадено историја на многу млади години и остава длабока неизбришлива трага во историјата на интерпретативната уметност. Многу се радувам, изјави Трпчески по повод почетокот на оваа концертна комбинација.
Тандемот Венгеров-Трпчески веќе на 20 јануари ќе настапи во „Карнеги Хол“ во Њујорк, а на 27-ми овој месец и на големата сцена на Париската филхармонија.