Заинтересираноста на странските инвеститори е се поинтензивна по решавањето на спорот со името и воспоставувањето на добрососедските односи, а назад во државата се враќаат и висококвалификуваните кадри, изјави денеска министерката без ресор за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска.
Пред денешниот Бизнис отворен ден на Економскиот факултет од Љубљана што се одржа во Стопанската комора на Македонија, министерката Апостолска изјави дека веќе двајца наши квалификувани кадри се вратени назад во државата за да работат во една странска компанија.
– Од состаноците и средбите што ги имам со инвеститорите веќе имам позитивни информации дека почнуваат да ги враќаат назад. Последната информација е дека веќе се вратени двајца образовани и подготвени кадри во една наша странска компанија, рече Апостолска.
Најголемиот предизвик со кој се соочуваат државите е како да се образуваат младите и како висококвалификуваните кадри да се задржат да не ја напуштат сопствената држава.
Економскиот факултет од Љубљана е редок пример како треба да бидат поставени во корелација образованието и бизнисот и словенечките искуства во овој дел ќе се обидат да ги искористат нашите компании.
– Во Словенија нема вишок на квалификувана работна сила и правиме напори колку што можеме повеќе да го подобриме образовниот систем. Би сакала да ги поканам сите компании во Македонија да соработуваат со нас и заедно да ги дефинираме проблемите бидејќи веруваме дека луѓето се најважни, изјави деканката на Економскиот факултет во Љубљана, Метка Текавчич, која денеска присуствуваше на Отворениот ден во Скопје.