Административци на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска вчера ненајавено се појавиле во Македонската филхармонија, каде ги барале сите детали за одржувањето на Годинешната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, настан кој се одржуваше во неделата, дознава „Република“.

Министерката испратила вонредна контрола во институцијата за да ги прочепка сите детали околу изнајмувањето на просторот и да бара било какви нерегуларности. Меѓудругото, им бодело очи што настанот е во ден недела, но, бидејќи концерти, културни и секакви настани во Филхармонија редовно има и за викенд, не е направена никаква отстапка за партијата. Како што потврдуваат и од самата институција – салата се изнајмувала и се изнајмува за разни субјекти, вклучително и политички.

Во официјалната изјава од Филхармонија за „Република“ велат дека на ден 11.05.2023 година (четврток) , од страна на Министерството за култура пристигнаа тројца вработени, административни службеници, кои пренесоа дека доаѓаат по налог на министерката за култура со цел да извршат увид во документацијата за настанот кој се одржа на ден 07.05.2023 година (недела) од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, односно за настанот Унија на жени на ВМРО.

Според она што било соопштено на состанокот од 11.05.2023 година, кој се одржа во просториите на Филхармонија, додаваат, целта на контролата беше Годишната конференција на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Би констатирале дека не стануваше збор за инспекција од инспекторатот на министерството, туку за контрола по налог на министер, потенцираат од Филхармонија.