Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе престојува во работна посета на Република Полска.
Како што информира МНРиНТ, посетата на Муцунски на Полска е на покана од заменик-претседателот на владата и министер за надворешни работи на Република Полска, Радослав Шикорски.
– Ова е прва билатерална посета на министерот Муцунски на Варшава. Во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, особено економската соработка, трговската размена и привлекувањето нови полски инвестиции, како и реафирмирањето на полската поддршка за македонската интеграција во Европската Унија. Воедно, ќе бидат разменети мислења за клучни регионални, европски, глобални и безбедносни прашања – информира Министерството.
Во рамките на посетата предвидена е тет-а-тет средба на двајцата министри по што ќе следува пленарна средба на двете делегации, проследена со заедничка прес-конференција.




