Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ изјави дека Србија нема да ги признае резултатите од референдумот во украинските региони, каде граѓаните се изјаснуваат дали сакаат да се приклучат на Русија.
Селаковиќ на прес-конференција во Белград објасни дека Србија не може да ги прифати тие резултати, прво поради нејзината посветеност на Повелбата на ОН и правилата на меѓународното право, пренесува СРНА.
– Второ, тоа би било спротивно на нашата политика за зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, објасни Селаковиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање што опфаќа планот за консултации што го потпиша со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк и каква порака испраќа до ЕУ, Селаковиќ одговори дека тие кои не го ни виделе го напаѓаат тој документ, а камоли да читаат.
– Се што е поврзано со нападот и прашања поврзани со тој план е потрага по доволна причина за напад на Србија и обид за дисциплинирање на Србија, рече Селаковиќ.
Тој изјави дека планот за консултации со Министерството за надворешни работи на Русија се потпишува од 1996 година, на секои две години, нагласувајќи дека се работи за технички работи како билатерални односи и мултилатерални активности.
Селаковиќ посочи дека Владата на Србија има можност да го отфрли тој план, но дека лично не гледа зошто би го направила тоа.