Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, изјави дека објавата на претседателот Доналд Трамп за зголемување на царините за Кина на 125 отсто е поради нивното инсистирање на ескалација.
„Како што постојано велам, а и претседателот Трамп повторува со години, Кина е најнеурамнотежената економија во историјата на современиот свет, и тие се најголемиот извор на трговските проблеми на САД. А всушност, тие се проблем и за остатокот од светот, затоа што она што го видовме е дека, откако САД ја објавија царинската бариера минатата недела, многу од тие производи веќе почнаа да навлегуваат во Европа,“ рече Бесент.
Сепак, министерот за финансии инсистираше дека САД не се вклучени во трговска војна, и покрај растечката несигурност додека Кина и САД си наметнуваат сè повисоки царини едни на други.
„Јас не го нарекувам тоа трговска војна, но велам дека Кина ја ескалираше ситуацијата, а претседателот Трамп многу храбро одговори на тоа, и ќе работиме на решение со нашите трговски партнери,“ рече Бесент.
Тој посочи на тековните преговори со други земји, вклучувајќи ги Виетнам, Јапонија, Јужна Кореја и Индија.
Зголемувањето на царините го нарече автогол од страна на Кина.
САД претходно ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за увозот од САД.
Претходно денес, Трамп ги стопира царините на 90 дена за сите освен за Кина, за која ги зголеми на 125 отсто.