Министерот за здравство Илир Демири нарачал ревизија за тоа колкава е смртноста на Клиниката за кардиохирургија и резултатите се поразителни, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори.
Според информации на „Слободен печат“ Демири на маса добил извештај за зголемување на смртноста на Клиниката кој се однесува на периодот од средината на 2023 година минатата година до крајот на зимата 2024 година.
Според извештајот кој го работела стручна Комисија од четири членови, смртноста е забележливо повисока и за лесните срцеви состојби, но и за механички вградено срце. Нашите податоци се дека Комисијата ги правела анализите базирано на резултати од „Мој термин“ и во еден месеците од 12 извршени операции, констатирано било дека починале 6 пациенти.
Демири за „Слободен печат“ кратко потврди дека нарачал извештај за смртноста на Клиниката за кардиохирургија но за резултатите не сакаше да коментира преку телефон.
Светските стандарди налагаат смртноста да биде од 0 до 6 проценти после проценката на здравствената состојба на пациентот.
Се обративме кај доктор Марјан Шокаровски актуелен директор на Клиниката за кардиохирургија кој не даде прецизни информации за процентот на смртноста бидејќи е надвор од државата, но истакна дека имале 30 проценти зголемен обем на работа и намалена смртност.