Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска се сретна со градоначалникот на Општина Боговиње Аљбон Џемаили, а вчера и со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
На средбата, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, се дискутираше за актуелните состојби во општината од областа животна средина и како ресорното Министерство може да помогне во справување со актуелните предизвици за подобар и поквалитетен живот на граѓаните.
Градоначалникот и министерот изразија подготвеност за поблиска соработка преку иницирање на нови заеднички проекти, наведуваат во соопштението.
Повеќе тековни проекти во Општина Тетово од областа животна средина биле тема на средбата на министерот Нуредини и со градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи
Како што соопшти денеска МЖСПП, на средбата што се одржала вчера се разговарало и за актуелната изградба на пречистителни станици за отпадни води во повеќе населени места во Општината, како и за реализација на проекти со кои жителите ќе добијат пристап до чиста вода за пиење.
Министерот Нуредини и градоначалничката Арифи се согласиле дека ќе работат на долгорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Тетово, разгледувајќи повеќе мерки од Планот за чист воздух, кои се предвидени за реализација во Општината.
Состанокот беше искористен и за разговор околу отпочнување нови проекти што ќе придонесат за зајакнување на постојната блиска соработка меѓу Министерството и Општина Тетово, кои за граѓаните на Тетово ќе значат квалитативно подобрување на состојбата со животната средина, стои во соопштението.