Изгаснете ги сијалиците кога за тоа нема потреба, ние го направивме тоа во септември и заштедивме 32 отсто струја во споредба со истиот месец лани, соопшти Министерството за финансии.

– Министерството за финансии, како и остнатите институции, спроведе мерки што не го нарушуваат процесот на работа и безбедните услови за работа, а при тоа се обезбеди заштеда од 32 проценти. За тоа имаат придонес и вработените со своето одговорно однесување. Рационалното користење на електричната енергија преку воведените мерки што се покажаа како соодветени за нашата институција ќе продолжат да се применуваат и во наредните месеци, најавува од министерството на чие чело е министерот Фатмир Бесими.

Од таму додаваат дека ги исклучувале компјутерите кога не се работело на нив, а биле инсталирани и сензори за гаснење на светлото.

– Изгаснете ги сијалиците кога за тоа нема потреба, тоа ние го направивме во септември, искористете ја дневната светлина, тоа штеди и на осветлување и на загревање на просторијата, компјутерот исклучете го кога не ви треба, тоа исто го направија нашите вработени. Во ходниците светлата се вклучуваат на сензор и се осветелени само кога е тоа неопходно. Тоа се мерките што не донесоа до 32 отсто пониска потрошувачка. Да продолжиме и да се обидеме сите да дадеме придонес кон надминување на оваа криза со најмалку последици за сите нас. Струјата е добро што на сите ни е потребно, се вели во соопштението.