Заменик-министерот за финансии Ширет Елези, директорот на Канцеларијата на Светска банка во државата Марко Мантованели и градоначалниците на седум општини денеска потпишаа договори за финансирање капитални проекти.
Договорите се потпишани со општините Чучер Сандево, Врaпчиште, Боговиње, Делчево, Кичево, Шуто Оризари и Македонски Брод, преку Проектот за подобрување на општински услуги што го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. Покрај овие општини наскоро ќе бидат потпишани договори и со Тетово и Демир Хисар.
Елези информира дека вкупната вредност на проектот е 176,9 милиони денари или 2,8 милиони евра.
– Преку овие средства се предвидени реконструкција на пат во Општина Чучер Сандево, изградба на две филтер станици за вода за пиење во Општина Врапчиште, набавка за механизација за Јавното комунално препријатие во Општина Боговиње, изградба на булевар во Тетово, изградба на придружни и услужни објекти на градските гробишта во Делчево, изградба на кружни текови во Кичево, реконструкција на пат во Македонски Брод, изградба на детско игралиште во Општина Шуто Оризари и набавка на противпожарно возило во Општина Демир Хисар, рече Елези. Додаде дека преку обезбедување финансиски стедства за капитални проекти се обезбедуваат подобри услови за живот на граѓаните во овие општини.
Дел од средствата се заеми по исклучително ниска и поволна камата, додека дел се грант средства.
– Овие проекти ќе опслужуваат над 160.000 граѓани во девет различни општини, како во урбани, така и во рурални предели во земјава, како во источниот и централниот, така и во западниот регион. Целта на МСИП е преку финансиска поддршка на локалните проекти да се подобрат општинските услуги и на тој начин да се подобри стандардот за живеење во општините, односно да се обезбедат подобри услови за граѓаните, рече Елези.
Мантованели соопшти дека повеќе од една деценија работат во партнерство со Министерството за фиансии и со општините за да помогнат во јакнење на транспарентноста, финансиската одржливост и испораката на услуги.
– Општинските услуги и проектите што почнаа во 2009 година продолжија со најразлично рефинансирање со што се мобилизираа повеќе од 72 милиони евра за самите општини, вклучувајќи и грант од околу 15 милиони евра што дојде директно од Европската комисија. Овие фондови се користат за поддршка и за избор на соодветни општини и комунални претпријатија што можат да имплементираат проекти со цел јакнење на општинските услуги, рече Мантованели.
Тој потсети дека досега речиси 24.000 домаќинства се поврзани на водоводен систем во текот на времетраењето на самиот проект, а повеќе од половина луѓе имаат пристап до колекторски системи за собирање цврст комунален отпад. Рехабилитирани се околу 150 километри локални патишта. Најави дека имаат уште еден проект што треба да заврши до 2020 година и очекуваат да се стигне до 200 километри.
Мантованели најави дека 25 милиони евра ќе им бидат достапни на општините во иднина, преку истиот механизам. Заклучи дека ќе се залагаат за обезбедување фондови на локално ниво. Според него, потребни нови финансии за реформи и за да се заврши процесот на децентрализација во државата.