Со цел полесен пристап и транспарентност во работењето на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство, со помош и поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје изработена е веб страница, која ќе служи како основа за промовирање на правото на надоместок меѓу жртвите, институциите и јавноста.

Како што соопшти Министерството за правда, веб страницата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство е достапна на следниот линк: www.komisijazanadomestoknazrtvi.mk.

Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство е новоформиран независен правен субјект кој одлучува за правото на паричен надоместок и за определување на видот и висината на паричниот надоместок на жртвите од кривично дело со насилство.
Формирана е согласно Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство чија цел е да се обезбеди паричен надоместок за жртвите, како помош од страна на државата, согласно со начелото на општествена солидарност и да се спречи секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи.

Во изминатиот период, Комисијата постигна значителен напредок, вклучувајќи го правниот легитимитет за постапување како независно тело усвојувајќи го Деловникот за работа и процедурата за поднесување барања за паричен надоместок, што претставува важен чекор кон олеснување на пристапот до правда на жртвите од кривично дело со насилство, се посочува во соопштението.

ФОТО: Министерство за правда