Кинескиот и американскиот министер за одбрана, Веј Фенге и Патрик Шанахан денеска остварија конструктивни разговори, но се очекува за време на викендот на самитот за безбедност во Азија да се разијдат околу растечката глобална безбедносна улога на Кина, пренесуваат светските агенции.
Американскиот воен извештај за Индопацифичкиот регион, кој ќе биде објавен утре, заедно со говорот на американскиот секретар за одбрана Шанахан, остро ја критикува безбедносната политика на Пекинг, според нацрт-документот во кој имаа увид некои агенции.
По билатералниот состанок во Сингапур, портпаролот на кинеското Министерство за одбрана Ву Чиан изјави дека министерот за одбрана Веј Фенге, иако разговорот бил конструктивен, ги оценил американските акции во врска со Тајван како „неконструктувни“.
– САД не треба да ја потценуваат кинеската одлучност, воља и способност да го сочуваат својот суверенитет и територија, рече Ву.
Портпаролот на Пентагон, Џо Бучино изјави дека 20-минутниот состанок, според мислењето на Шанахан, бил конструктивен и продуктивен.
– Двајцата лидери разговараа за начините за градење воени односи со кои се намалува ризикот од недоразбирања меѓу нашите народи, рече Бучино.