Традиционалната Дедомразовска трка денеска се одржа во Скопје, на која повеќе од триста учесници во дедомразовски костуми трчаа во центарот на главниот град.
Должината на патеката беше два километри. Стартот и финишот на трката беа на плоштадот Македонија, а трчаа кон Порта Македонија, паркот Жена борец, Холидеј Ин, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камениот мост и преку мостот до целта.
Пред и по трката имаше музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонија на прогласување на победниците.
Најбрзи дедомразовци за оваа година беа Миомир Алексовски и Рената Соколовска, кои беа проследени од Елена Даниловска, Бојана Наумовска, Стојче Петровски и Филип Стојановски.
– И покрај дождливото време, преку триста учесници од сите возрасти беа дел од традинионалната новогодишна трка. Победниците и најсреќните во лотаријата освоија награди, информираат организаторите.
Трката ја организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв, со поддршка на Coca-Cola и Градот Скопје.