Шефот на македонската делегација на ЕХФ ЕУРО 2026 ги искажа своите очекувања за настапите на нашиот национален тим на претстојниот континентален собир.
– Играме во исклучително тешка група, со Данска, Португалија и Романија. Ние ќе се обидеме да ги изненадиме големите противници. За Данска не треба многу да зборуваме. Дури и тие што не знаат многу ракомет, знаат дека Данска се големи фаворити. Сепак, ние нема да калкулираме против нив и ќе го дадеме максимумот исто како и на средбите со Португалија и Романија. Секогаш е чест да се биде дел од македонската репрезентација. Можеби во оваа улога е потешко, бидејќи не можам да помогнам директно на теренот. Сметам дека нашите ракометари се исклучително талентирани и со доволно искуство иако сме млада репрезентација. Очекувам оваа репрезентација да расте и да постигнува успеси, изјави Миркуловски.
„Црвено-жолтите“ настапите на Европското првенство 2026 ќе ги почнат в петок од 20:30 часот со натпреварот против кодомаќинот на турнирот Данска.
Двете првопласирани репрезентации по групната фаза ќе одат во следната фаза.




