Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека Талибанците ја прифатиле поканата да учествуваат во преговорите за иднината на Авганистан во Москва.
Тој изрази надеж за продуктивни разговори на закажаната за 4 септември средба, откако од Талибанците бил добиен позитивен одговор.
Висок функционер во руското Министерство за надворешни работи за весникот „Известија” денеска соопшти дека подготовките за претстојните преговори веќе се во тек.
Во соопштението на министерството се вели дека покана за учество на разговорите е испратена на 12 земји, вклучувајќи ги и САД. Целта на претстојната средба е „помош за приближување на позициите на официјален Кабул и на претставници на движењето на талибанците за започнување на директен меѓуавганистански дијалог за мир”.
Претходниот круг на такви консултации во „московски формат” (со учество на соседите на Авганистан, на голем број земји од регионот, на САД и на самите Авганистанци) се одржа во април минатата година. Досега талибанците не учествуваа во овој формат, но овој пат Русија ги покани и нив.