Владо Мисајловски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската дебата за вториот ребаланс на Буџетот рече дека власта посочува оти има пари за последиците од корона кризата, но лаже.
-Вие велите за корона кризата има пари, но не е така. На пример, за инфраструктура нема пари, но има за министри, за нивни родители, роднини. Во оваа држава се е наопаку. Институциите се на апарати за дишење, нема пари за плати, нема пари за ништо. Здравство едвај функционира. Жално е што вие како пратеници од власта правите политикантство и тоа го правите дури и сега во оваа корона криза. Незрело е однесувањето на вашиот министер Венко Филипче. Велевте ниеден доктор не треба да го гледаме никако поразлично, освен како доктор. А што направи вашиот министер со морбидното, срамно видео? Ги навреди сите, токму тој кој треба да се грижи за сите. Со вакви политики од министер кој плука по сите, тоа е срамно за државава – рече Мисајловски.
Мисајловски посочи дека власта во ваков период на сериозна криза предизвикана од корона нема никаков план и за ништо.
-Немате стратегија што ќе се случи потоа, велевте ќе има нови бранови, а кај нас бранот никогаш не запре само се зголемува. А вашите политичари што прават, се потсмеваат со сите кои мислат поинаку, рече пратеникот на ВМРО ДПМНЕ.
Според Мисајловски за корона кризата прво треба да се слушне зборот на медицинската фела, а не како што рече „на оној Караџовски кој вика по телевизии“.
-Затоа опозицијата ќе поднесе предлог и ќе видите како треба да се одвива работата на една стручна комисија за заразни болести. Кај вас се е купи ден продај, нема стратегија за ништо. За се ја обвинувате опозицијата, за корона, за Буџет, кажа Мисајловски.
Мисајловски укажа дека власта нема план ниту како да го полни Буџетот, ниту овој, ниту оној што треба да се планира за следната година.
-Со кој капитален проект ќе го полните Буџетот, еве имате ли план за следната година за Буџетот и како ќе го полните. Дали имате предвидливост за економијата, дали има излез. Сите почнуваат со сериозни и прецизни мерки, а имаат стабилни институции. Скратете ги расипничките политики и се она што не е во функција на решавање на последиците од корона кризата, рече Мисајловски.