Во рамки на состанокот на министри за одбрана на НАТО денеска во Брисел министерот за одбрана Владо Мисајловски учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина која се одржа во организација на секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Џон Хејли и министерот за одбрана на Сојузна Република Германија, Борис Писториус.

-На состанокот беше разговарано за актуелната состојба и безбедносните предизвици од овој конфликт и истовремено беа разменети информации, ставови, искуства како и идните приоритети на Алијансата во насока на зајакнувањето на координацијата меѓу земјите-членки, објави министерот за одбрана.

Мисајловски истакна дека овие дискусии се од особено значење за градење заеднички одговори на современите безбедносни предизвици и зајакнување на довербата меѓу сојузниците.

Во пресрет на претстојниот Самит на лидери на НАТО закажан за 24 и 25 јуни, Мисајловски денес и утре престојува во Брисел каде ќе учествува на состанокот на министри за одбрана на земјите членки на НАТО.

Утрешниот министерски состанок е продолжение на подготовките за Самитот на НАТО и на истиот е предвидено да се разговара за новите Цели на способност во насока на зајакнување на одвраќањето и одбраната, зголемување на инвестициите наменети за одбрана, поддршката за Украина и нуклеарно одвраќање.