Министерот Владо Мисајловски денеска во Министерство за одбрана се сретна со новоназначениот амбасадор на Италија, Паоло Палминтери и одбранбеното аташе, полковникот Кристијан Маргерити.
Мисајловски му посака добредојде на амбасадорот Палминтери и му порача дека Министерството е целосно посветено на развојот на македонско – италијанската одбранбена соработка како соработка помеѓу две сојузнички земји во НАТО.
-Високиот степен на реализација на активностите од Планот за билатерална соработка за минатата година и интензивната работа на овогодинешниот План кој очекуваме да се потпише во март, за време на билатералните консултации помеѓу двете земји е доказ дека имаме заеднички цели, дека соработуваме на највисоко ниво и дека сме целосно посветени во унапредување на сите области во одбраната, рече Мисајловски.
Министерот во контекст на набавката на хеликоптерите од италијанската компанија „Леонардо“ побара поддршка за заеднички и транспарентно решавање на наследените правни недоречености на највисоко ниво.
Македонско – италијанската повеќедецениска соработка е видлива во повеќе области на одбраната и тоа преку експертски разговори и семинари во областа на цивилно-воената соработка, военото воздухопловството, логистиката, воената полиција, сајбер-безбедноста, трансформацијата на системот за обука и едукација и слично.
Изминатите години припадниците на двете Армии во повеќе наврати заеднички учествуваа и во големи воени вежби со кои ја развиваа интероперабилноста, како клучен столб на заедничкото делување во зацврстувањето на безбедноста на територијата на НАТО.