Во рамки на моето учество на Минхенската безбедносна конференција, утрово остварив средба со заменик на помошникот на секретарот за одбрана на САД, Дејвид Бејкер, објави министерот за одбрана Бладо Мисајловски.
-Разменивме мислења во однос на актуелните политики во поглед на регионалната и глобалната безбедност и разговаравме за модернизација и опремување на македонската Армија, нотраше во објавата.
Од страна на Бејкер беше истакнат македонскиот придонес во поглед на безбедноста на балканскиот регион и источното крило на НАТО, потенцира тој.
Мисајловски присуствуваше и на средбата со премиерите на македонската и хрватската влада, Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ на која се разговараше за развојот на меѓусебната севкупна соработка и поддршка во контекст на проширувањето на Европската Унија и влијанието на безбедноста на Балканот за континуиран развој на државите од овој регион.

Во текот на денешниот ден предвидено е министерот Мисајловски да учествува на работниот ручек на покана на својот германски колега Борис Писториус и ќе учествува на покана на специјалниот пратеник на претседателот на САД, за специјални мисии, Ричард Гренел на сесијата посветена на новите политики на американската администрација.
Минхенската безбедносна конференција е годишна конференција на која учествуваат лидери и носители на одлуки од целиот свет и на која се водат дебати за прашања во однос на меѓународната безбедносна политика. Целта на оваа безбедносна конференција е воспоставување дијалог и градење доверба со цел мирно решавање на конфликтите.