Министерот за одбрана, Владо Мисајловски и Треша Гуенов, главен заменик помошник на секретарот за одбрана на САД за меѓународни прашања, во Пентагон ги отворија годишните билатерални одбранбени консултации.
На отворањето на консултациите министерот Мисајловски ја истакна суштинската важност на македонско-американската одбранбена соработка, се заблагодари за значајната поддршка во опремување и модернизација на македонската Армија, за советодавната поддршка во одбранбените реформи, како и за три децениската поддршка и придонес во обуката и вежбовните активности на Армијата и вработените во одбраната и порача дека зајакнувајќи ги одбранбените капацитети на нашата земја остануваме посветени на сигурноста и стабилноста на Балканот и пошироко .
Мисајловски ја потврди заложбата на Владата, за доследно исполнување на обврските од последниот Самит во Вашингтон, притоа потврдувајќи ги проекциите на Буџетот за одбраната за 2025 година и модернизација на Армијата и континуитет на започнатите заеднички процеси.
Во однос на нашиот придонес и посветеност кон колективната безбедност, Мисајловски истакна дека тоа може да се види преку учеството на армиските припадници во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, на регионално ниво преку придонесот во мисијата на НАТО на Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ, во Босна и Херцеговина, АЛТЕА и мисијата на ООН во Либан.
Билатерални одбранбени консултации се одржаа во три сесии, со учество на високи делегации од двете страни на кои се дискутираше за соработката и идните сојузнички приоритети, вклучувајќи го учеството во заеднички вежби и обуки, придонесот кон глобалниот мир и безбедност, зајакнување на нашите одбранбени капацитети, како и долгогодишното партнерство со Националната Гарда на Вермонт.
На Консултациите освен министерот Мисајловски, учествуваа и Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик на директорот во Здружениот штаб Ј5, за Европа, НАТО и Русија, бригаден генерал Грант Фосет, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, одбранбено аташе на САД, полковник Даниел Сквајерс, претставници од Здружениот штаб, Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка, Стејт департментот на САД, Командата на САД за Европа и експертските тимови на Пентагон, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армија.
За време на посетата на САД, министерот Мисајловски оствари работни средби и со Алтон Буланд , директор за ЕУ и НАТО политика во Канцеларијата на секретарот за одбрана, и со генерал потполковник Џонатан Стабс, шеф на бирото на националната гарда на САД.