Министерот за одбрана Владо Мисајловски остварил средба во Пентагон со директорот на Агенцијата за безбедносна соработка на САД, Мајк Милер, на која била потврдена силната и континуирана соработка меѓу двете земји во областа на одбраната.
Како што информира Мисајловски, инвестирањето во одбранбените капацитети останува врвен приоритет, со оглед на нивната клучна улога во обезбедувањето на регионалната стабилност и безбедност.
На средбата се разговарало за досегашната успешна реализација на заедничките програми, преку кои САД обезбедуваат финансиска поддршка, опрема и експертиза за зајакнување на одбранбените способности на сојузничките земји, вклучително и Македонија.
Во наредниот период, најавени се нови набавки насочени кон модернизација и унапредување на капацитетите на Армијата, што, според министерот, ќе придонесе за поголема оперативна подготвеност и интероперабилност со сојузниците.
Мисајловски потенцирал дека соработката со САД како стратешки партнер продолжува со засилено темпо, со јасна заедничка определба за понатамошен развој на одбранбениот сектор.




