Наративот дека ќе има уставни измени се случува од поодамна не од годинава, но ние останавме на ставот дека под ваков диктат нема да прифатиме промена на Уставот, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.
Според Мисајловски власта многу лаже и вели под флоскулата сега е моментот за промена на Уставот.
„Не може да биде моментот сега за промена, власта само сакаше да прикаже дека тоа е нормална работа. Зошто? Затоа што со историската комисија посебно бугарската страна сака да ни наметне дека сме творба од времето на Тито, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Меѓународните претставници не знаат детали и затоа мислат дека може да се стори тоа, а тоа е нешто што власта не ни требало да помисли да го прави или ако го правела требало да знае дека за тоа треба да се согласат сите“, рече Мисајловски.
Мисајловски укажа дека многумина мислеа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе подлегне, но еве јасно се покажа единството или дека бугарски диктати не може да има.
„Ова е една нова генерација на ВМРО-ДПМНЕ. Нам ни е јасно дека Бугарија нема да сопре тука. Дополнително власта само се крие зад флоскулата ЕУ, го крие сторениот криминал и корупција. Политичкиот моментум на силните држави е клучен или ако сакаат да го решат прашањето ќе го решат. Но, ние мора да се справиме со криминалот и корупцијата. Во овој момент треба да се обединиме и да кажеме стоп на криминалот и корупцијата. Криминалот и корупцијата се сликата за оваа власт на СДС и ДУИ“, рече Мисајловски.
Говорејќи за Договорот со Бехтел и Енка за коридорите 8 и 10д, Мисајловски укажа дека има многу проблеми.
„Тоа е реномирана компанијата, а македонската страна гледала само како да го краде народот. Со европски знаменца укинуваа закони, суспендираа закони. Измина цела година и нема ништо од автопат. Само годинава се префрлија 270 милиони евра на фирми за коридорите и за следната година отприлика толку планираат. Замислете се префрлаат толку средства, а нема ништо од автопат“, кажа Мисајловски.