Oд првиот момент кога ја преземав позицијата на министер за одбрана, кажав дека веднаш ќе се зафатам со решавање на проблемите со кои се соочуваат припадниците на Армијата и дека ќе вложам максимални напори да го подигнам стандардот со цел да бидат на повисоко ниво на подготвеност и опременост, вели министерот Владо Мисајловски.
-Но искрено не очекував дека ќе бидам сведок, припадниците на Армијата, но и припадниците на други армии, кадети кои минатиот месец се обучуваа на АП Криволак и Центарот за обука Пепелиште, да немаат вода за пиење. Причината – не се потпишувал договорот за набавка на вода! На мое лично барање, а со цел да го надминеме овој проблем, склучивме договор за донација со компанијата „Кожувчанка“. Изразувам искрена благодарност до компанијата „Кожувчанка“ и до градоначалникот Јанчев кои веднаш излегоа во пресрет и донираа 10.000 литри вода за пиење. Благодарам, истакна министерот за одбрана.
Мисајловски ќе инсистира навремено да бидат реализирани сите набавки.
-Ветувам дека независно дали е тоа набавка за вода, униформи, лична опрема и се останато што е потребно за нормално функционирање, отсега па натаму, ќе инсистирам навремено да биде реализирана. Нашите припадници на Армијата, нашите најголеми амбасадори не го заслужиле тоа. Ваквите проблеми ќе ги оставиме во историјата. Оваа практика престанува веднаш. Вчера ја прифатив одлуката на комисијата за избор на најповолна понуда и по изминување на рокот за жалби ќе следи потпишување на договор, истакна Мисајловски.