Mинистерот за одбрана Владо Мисајловски вели дека се реазгледува идеја за создавање државна програма што ќе ги поддржува македонските млади инженери кои развиваат наменски технологии, дронови, со директна финансиска и логистичка помош од Министерството или други институции.

Македонија, кажа  Мисајловски вечерва во интервју за „360 степени“ на јавниот сервис, има реална шанса да влезе на мапата на земји што развиваат наменска индустрија, но за тоа се потребни политичка волја, реформи и државна поддршка.

-Ние моментално имаме една компанија што сериозно вложува во наменското производство. Таа компанија е АТС АММО, во Македонски Брод. Тоа е започнато од претходната власт, сега се проширува, сака нови капацитети. Но е една, вели Мисајловски.

Станува збор за поранешната фабрика „Самоков“, која произведува различни видови муниција. Најави дека наскоро ќе ја посети лично, а во меѓувреме имал можност да се сретне со претставници на компанијата и во Хаг. Но, за вистински развој на индустријата, потребни се повеќе такви капацитети – не само фабрики, туку и стартапи, истражувачки тимови и млади инженери кои ќе бидат поддржани од државата.

– Ако ние имаме повеќе вакви компании да произведуваат оружје, да има стартап-бизниси кои можеме да ги поддржуваме или да отворат капацитети за каков било дел од таа воена индустрија или наменска индустрија – тоа се нови работни места, добро платена работа, но и големо влијание во НАТО, смета Мисајловски.

Тој наведува примери од земји членки на Алијансата кои преку буџетски линии директно субвенционираат развој на технологии, финансираат истражувања преку факултети или директно вложуваат во приватни компании.

-Дел од државите во својот буџет имаат директни средства каде што директно со компаниите прават еден вид јавно-приватно партнерство. Тука треба да се сменат закони итн. Но, има и многу земји каде што директно имаат право да вложат во компаниите, вели министерот Мисајловски и појасни дека според сегашната законска рамка во Македонија не може директно да се инвестира во приватни воени капацитети. Но, псочува, има конкретен интерес од странски компании.

– Директно ќе ви кажам дека неколку компании се заинтересирани да инвестираат. Различен тип компании. Странски компании коишто гледаат да најдат партнери тука, рече Мисајловски.

Според него, една компанија со која преговара Владата е сериозно заинтересирана да направи голем капацитет за производство на барут. Други компании, вели тој, разгледуваат опции за производство на одредени компоненти, делови, па дури и цели платформи за дронови. Ова, потенцира, се можности што не треба да се пропуштат. Но, вели, сите инвеститори, очекуваат една работа – некаква помош, некакви субвенции – на кој било начин да се помогне.

Една од идеите што се разгледува е создавање државна програма што ќе ги поддржува македонските млади инженери кои развиваат наменски технологии, дронови, со директна финансиска и логистичка помош од Министерството или други институции.