Министерот за одбрана на Македонија, Владо Мисајловски, денеска оствари средба со генералот Георгита Влад, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, кој престојува во официјална посета на земјава на чело на висока воена делегација.
На средбата, Мисајловски и Влад разговараа за посветеноста на двете земји во зацврстувањето на источниот дел од НАТО-структурите, за актуелната безбедносна состојба во регионот, како и за нови можности за развој на билатералната одбранбена соработка.
Особен акцент беше ставен на интензивните заеднички вежбовни активности меѓу македонската и романската армија, кои придонесуваат за поголема интероперативност, но и за јакнење на врските меѓу припадниците на двете сојузнички армии.
Министерот Мисајловски истакна дека Македонија ќе продолжи со својот придонес во рамките на НАТО мултинационалните сили распоредени во Романија, со што земјата ја потврдува својата улога како доверлив и активен сојузник во Алијансата.