Министерот за одбрана, Владо Мисајловски денеска оствари средба со амбасадорот на Унгарија, Н.Е. Андраш Клајн и со одбранбеното аташе, потполковникот Ласло Надаш.
„Благодарност до Унгарија која беше наш голем поддржувач за членството во НАТО, која ни помогна кога се соочивме со пандемијата COVID-19, мигрантската криза, поплавите и држава која ни дава поддршка за почеток на преговорите за членство со Европската Унија“, рече министерот Мисајловски и додаде дека секоја помош за наш развој во насока на остварување на втората стратешка цел, членство на ЕУ, е добре дојдена.
Амбасадорот Клајн даде уверување дека Унгарија ќе продолжи да ја поддржува нашата земја, политички и советодавно за време на пристапниот процес.
На средбата се разговараше и за безбедносната состојба во Европа и пошироко, при што министерот Мисајловски нагласи дека остануваме на определбата активно да партиципираме во промоцијата на мирот и безбедноста преку одбранбените иницијативи на ЕУ кои ќе придонесат за зајакнување на глобалната и трансатлантска безбедност.
Од страна на соговорниците беше разговарано за зајакнување на одбранбената соработка која би опфаќала, заеднички обуки и вежби, користење на нашите регионални капацитети АП „Криволак, Регионалниот центар за односи со јавност, Воено медицинскиот центар, обука и едукација во Центрите за обука во Унгарија, експертски средби во повеќе области итн.