Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, поканет во емисијата „360 степени“, изјави дека неговата партија неколкупати досега ѝ подала рака за соработка на актуелната Влада за донесување закони кои се за доброто на граѓаните. Но, тоа не резултирало со разбирање. Според Мисајловски, барањето за предвремени парламентарни избори е легитимно право, па затоа не ја разбираат причината за одбивањето на нивното барање за лидерска средба на која, меѓу другото, би се разговарало и за предвремени избор.
„Пред да почнеме со оваа активна блокада, најавивме низа мерки, всушност побаравме од СДСМ и сите политички партии да зборуваме за многу закони, а што е добро, тие закони кои се добри заедно да ги гласаме и да ги ставиме во посебни сесии, да се зборува за здравството, образованието, економијата и сè што е потребно. Но, нема разбирање. Да, едно од барањата е легитимното право на опозицијата да има предвремени парламентарни избори. Зошто го кажуваме ова? Ова е веќе шеста година од оваа владејачка гарнитура и секогаш се соочуваме со криза. Имаме криза со пандемијата, имаме енергетска криза, имаме голема криза со воениот конфликт, но имаме и опасна економска криза со сите трошоци за живот. Поради оваа причина подаваме рака да седнеме и да разговараме. Ако немаат капацитет, а гледаме дека овие 6 години немаат капацитет да се соочат со сите овие проблеми, затоа ја подаваме раката да седнеме и да решиме заедно некои прашања. Да, правилно е да се бараат предвремени избори бидејќи проблемот во државата е Владата и коалициските партнери“, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.