Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше на отворањето на 3. глобален меѓународен самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој се одржува во А Коруња, Шпанија.
Мисајловски е во посета на Шпанија на покана на колешката Маргарита Роблес Фернандес.

-Целта на овој Самит на кој учествуваат министри, државни претставници од речиси сите земји членки на ООН, претставници на меѓународни организации, академици, и други високи гости е зајакнување на глобалната свест за одговорен развој на вештачката интелигенција во воен контекст, притоа почитувајќи ги човековите права и меѓународното право, информираат од Министерството.

Во рамки на Самитот, министерот Мисајловски оствари средба со својата колешка Роблес, на која беше истакната заедничката подготвеност за унапредување на билатералната одбранбена соработка и се разговараше за повеќе предлог заеднички активности и изготвување План за соработка меѓу двете земји.
Во оваа прилика министерот Мисајловски се заблагодари за поканата и истакна дека Самитот претставува значајна можност за размена на експертски мислења во доменот на одбраната и безбедноста.

-Технологијата во воената област се развива со огромна брзина и затоа соработката на тоа поле е суштинска во развојот на воените капацитети и способноста на сојузниците да ја гарантираат безбедноста, рече министерот.
Додаде дека поканата за учество е доказ и за одличните билатерални одбранбени односи со Шпанија чие унапредување беше клучна тема на состанокот.
Мисајловски истакна дека нашата земја во ноември 2024 година беше првата земја-кандидат за членство во Унијата од Балканот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, и додаде дека македонскиот придонес кон регионалната и колективната безбедност со ист интензитет ќе продолжи и во иднина.




