Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на Изборната единица 2, Владо Мисајловски смета дека економската ситуација во земјава е загрижувачка.

Како што што истакна вечерва во интервју за МТВ, многу мали и средни бизниси ќе ги затворат своите капацитети, а голем број граѓани ќе останат без работни места.

Мисајловски порача дека Владата треба директно да инјектира средства во малите и средните претпријатија.

-Владата мора да биде заштитник на малите и средните претпријатија од приватниот сектор и во нив директно да инјектира средства наместо да се расфрла со пари само кај одредена категорија луѓе за да ги задоволи моментално. Голем број граѓани опстојуваат од работата на малите и средните претпријатија. Доколку не ги стимулира фирмите и воедно младите кои работат тука, тогаш младите мора да ја бараат среќата надвор од државата. Ние не смееме тоа да го дозволиме, мора да овозможиме одлични услови за малите и средните претпријатија и со тоа младите луѓе да останат да работат и да создаваат во Република Македонија, рече Мисајловски.

Младите, додаде, сакаат просперитет, работа и подобар животен стандард.

-Сето тоа е можно само доколку македонската економија биде стабилна и силна, а со тоа ќе се овозможи невработеноста да падне под 10 проценти. Така младите нема да имаат потреба да ја напуштаат нашата земја, туку да останат и тука да создаваат, оцени Мисајловски.

Тој се осврна и на кампањата. Рече дека ВМРО-ДПМНЕ промовира конкретни проекти кои ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните.

-СДСМ иако води негативна кампања исполнета со нечисти и нечесни игри, сепак тоа не ме заплашува. Често се случува да се појават возила кои ги следат функционерите на СДСМ, некои дури и се закануваат, но сепак тоа е матрицата на таа политичка опција. Во недостиг на квалитет и кадар, единствено нешто што останува е криминалот, заканите и уцените. ВМРО-ДПМНЕ не е како СДСМ и начинот на комуникација со народот не е со заплашување, туку со реални проекти за подобрување на животниот стандард, нагласи Мисајловски.

Граѓаните, според него, се разочарани од она што се случуваше изминатите речиси четири години.

-Иако секојдневните локални проблеми им се на прво место, сепак не можат да се помират со фактот на начинот на промената на уставното име, договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, рекетот, криминалот и корупцијата. Тоа се работи кои македонскиот народ никогаш нема да ги заборави и за истите ќе ги казни СДСМ и Зоран Заев, заклучи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на Изборната единица 2, Владо Мисајловски.