Оваа Влада прави само скандали, едноставно барааат свои партиски луѓе и не им е воопшто важно дали исполнуваат критериуми и ги назначуваат во тоа што решиле. Тоа е последниот случај во МНР со испраќање на конзул во Њујорк на човек кој работел мислам во приватен сектор, а за да се добие звање има процедура. Замислете како им е на тие кои со години работат во МНР. Ист е случајот и со М-НАВ вработуваат само свои без никаков критериум и гледаме што се случи, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата Заспиј ако можеш што се емитува на телевизија Алфа.
Мисајловски, говорејќи за скандалот во М-НАВ во кој беа нападнати лица додека вршеа контрола на слетувања, полетувања и воопшто прелети над македонското небо, рече дека е настанат поради интенција да се вработуваат лица кои не исполнуваат никаков критериуми, освен партиска припадност.
„И што се случи Димитар Ковачевски не можеше ништо да каже, министер за транспорт и врски Благој Бочварски исто не кажува ниту збор. И на крај што беше резултатот, вниманието се врти кон синдикатот на вработените во Македонска навигација“, кажа Мисајловски.
Според него не може во објект како М-НАВ кој е од клучно значење да има вакви скандали.
„Тоа е сериозен скандал. Можеше да има смртни последици и на крај ќе бидеме одговорни како држава. Па вакво нешто не може да случи никаде, а се знае како се квалификува упадот во објект од стратешка важност. Вакво дело во сериозна држава се вика терористички чин“, вели Мисајловски.
Во нормални држави, додаде Мисајловски, надлежните веднаш реагираат.
„Што следеше по сканадлот М-НАВ? Кај нас Владата чекаше да поминат сите празници и да заседава и пак направи пропуст, назначи за директор лице кои не исполнуваше услови, медиумите објавија, па мораа да назначуваат друг“, укажа Мисајловски.
Мисајловски посочи дека за вакви ситуации како непотизмот, криминалот и корупцијата мора да има казнивост.
„Мора да владее правото во Македонија, не може за СДС и ДУИ да биде важна само партиската припадност, мора да има критериуми за стручност. На ова мора да се стави крај“, кажа Мисајловски.