Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска директно од Вашингтон во емисијата „Daily Click“ на ТВ21 порача дека Македонија многу одамна заслужила да е дел од НАТО семејството бидејќи сепак се работи за најсилната и најмоќната организација поготово во одбраната.

„Она што можеме да го видиме е една фамилија на многу земји кои што навистина си даваат постојана поддршка“, вели Мисајловски

Тој додава дека посебно е чувството да се биде во оваа Алијанса, но многу поважно е да се биде дел и од Европската Унија.

Во однос на средбата со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин каде се потпиша и Писмо за намери за усогласен коридор за воена мобилност, Мисајловски порачува дека со ова се олеснува процедурата за поминување на силите.

„Ова е писмо на намери кое го поминавме на првата и втората седница на Влада, иако подолго време се разговара во Владата веднаш го ставив за да имам можност да го потпишам ова писмо за намери, а потоа ќе одат сите оние детали што ќе се случува во иднина. Да има една подобра можност за се она што е пречка во транзитот, да се олесни и се разбира да си помагаме едни со други“, вели Мисајловски.

Мисајловски директно од Самитот на НАТО го потврди и ставот на новата Влада во однос на Украина.

„Знаете дека горе доле многу донации се дадени, ние сме петта земја од сите овие земји членки по донации тука и навистина за мала земја тоа е голем успех. И претходната Влада тоа го правела за помош на Украина и јас тоа го поздравувам апсолутно. Независно дали претходната, дали сега оваа влада, тоа мора да продолжи бидејќи, се разбира, треба да им помогнеме во овие тешки времиња на Украина“, вели Мисајловски.

Министерот за одбрана вели дека пристигнати се и нови барања од Украина за донации и истите ќе се разгледуваат на Влада.

Целото интервју во продолжение: