Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го поддржува приемот на Украина во Европската унија до 2030 година, доколку се исполнат одредени услови и ако сите си ја завршат својата „домашна задача“, пренесува денеска ДПА.
„Украина може да ѝ припадне на Европската унија во 2030 година ако двете страни си ја завршат домашната задача“, рече Мишел во интервју за „Дер шпигел“.
Тој рече дека Европската унија мора „да го забрза процесот на донесување одлуки“. Со брзото прифаќање на Украина, „Европската унија исто така ќе докаже дека е способна за геополитичко дејствување“, рече тој. Сепак, тој нагласи дека нема да има олабавување на критериумите за пристап за Украина или другите кандидати.
Освен Турција, тука се шесте земји од Западен Балкан и Молдавија. „Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските барања“, рече Мишел. Проширувањето на ЕУ ќе биде тема на состанокот на европските лидери утре и во петок во Гранада.
Украина е кандидат за членство во ЕУ од јуни 2022 година. Отворањето на преговорите бара едногласна одлука на 27 земји-членки. Преговорите за пристап може да траат неколку години и членството не е загарантирано.