Мисијата на Обединетите нации во Либија денеска повика на примирје во траење од два часа во јужниот дел на престолнината Триполи, каде што се водат борби меѓу силите на двете ривалски либиски влади.
Во соопштението на Мисијата се наведува дека е побарно примирјето да биде воспоставено од 16 до 18 часот по локално време, за да можат да се евакуираат ранетите.
Мисијата на Обединетите нации во Либија не соопшти колку луѓе се ранети.
Источнолибиските сили под команда на Калиф Хафтар изведоа воздушен напад на јужниот дел на престолнината Триполи.
Американски воени претставници денеска објавија дека американските сили привремено ја напуштаат Либија, три дена по обновениот конфликт помеѓу вооружените ривалски групи во таа земја.
Генерал Томас Волдхаузер изјави дека безбедносната состојба во Либија станува сé покомплексна и непредвидлива.
Тој не наведе каде ќе бидат преместени американските сили.
Лидерот на меѓународно непризнатата администрација во Либија и командант на самоорганизираната Либиска национална армија, Калиф Хафтар пред три дена им нареди на своите трупи да тргнат кон главниот град Триполи, која е под контрола на силите лојални на легитимната Влада на национално единство на премиерот Фајез Сераџ.
Хафтар го објави повикот во видео наречено „Операција за ослободување на Триполи“.
Либија од соборувањето од власта и свирепото убиство на лидерот Моамер Гадафи е поделена на територии под контрола на меѓународно признатата Влада на Сераџ во Триполи и паралелна администрација лојална на Хафтар.