Косовската политичарка од редовите на српската заедница, Рада Трајковиќ изјави дека потпретседателот на партијата Српска листа, Милан Радојичиќ, за кого косовските власти тврдат дека бил водач на нападот врз полицијата во Северно Косово на 24 септември, бил изнесен од селото Бањска од „мистериозна рака“, која, според неа, „има моќ и врз српската и врз албанската страна“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Советничката на косовскиот министер за заедници и враќање, Ненад Рашиќ, истакна дека „Србите повторно го претвораат стратешкиот пораз во „небесна победа“.
– Никој да не праша како Милан Радојичиќ успева да побегне во секоја ситуација, од обидот за апсење за убиството на Оливер (Ивановиќ) до последниот инцидент во Бањска и е извлечен од неволја од мистериозна рака која има моќ и врз српската и врз албанската страна. А Србите, како Срби, повторно го претвораат вистинскиот стратешки пораз во „небесна“ победа и од солзите за жртвите не можат да ја видат вистината: денес сме во многу полоша ситуација и преговарачка позиција отколку што бевме пред тоа, напиша Трајковиќ на платформата „Х“.
Таа рече дека останува да се види дали претседателот на Србија, Александар Вучиќ „има храброст да се огради од целата ситуација“, создадена по инцидентот во северно Косово, во кој беше убиен косвски полицаец и најмалку тројца од неколкуте десетици напаѓачи.
– Прашањето е дали Вучиќ има доволно храброст и сила да се огради од „сето ова“ на северот на Косово, кое веќе јасно ги загрозува државните интереси и ги води нашите млади во бесмислена смрт заради интересите на некои кои не ја сакаат стабилноста на Србија. Одговорот ќе го добиеме во наредните денови, напиша Трајковиќ.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља во вторникот објави снимка од дрон за време на полициската акција во Бањска, на која вели дека е и потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Радојичиќ, кој е дел и од црната листа на Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство.
Тој рече дека Радојичиќ, за кого вели дека е близок на српскиот претсеадтел, Вучиќ, бил „водач на групата и на нападот“ во Бањска, во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку.