На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обрати градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој истакна дека пред четири години општина Аеродром била општина со 0 транспарентност, максимална затвореност, тешка пристапност од страна на граѓаните и општина која не работела во интерес на граѓаните.

„Ние пред 4 години наследивме една општина којашто имаше 0 транспарентност, општина којашто не работеше во интерес на граѓаните, беше максимално затворена и граѓаните имаа тешка пристапност. После само четири години, последниот извештај на ЦЕА во однос на транспарентноста не рангира на второ место во Македонија, со максимален број на поени, што покажува дека многу сме работеле во таа насока на транспарентност и отвореност кон граѓаните“, рече Митески.

Митески објасни дека општината била предмет на урбан хаос, но сега статистичките податоци покажуваат дека одобренијата за градење се значително намалени.

„Пред четири години наследивме една општина којашто беше предмет на урбан хаос, во општина во којашто имавме повеќе кранови за згради отколку насадени дрвја, и тоа е нешто на коешто посветивме максимално внимание како општина како институција да воведеме ред во тој урбан хаос. Статистичките податоци покажуваат дека во овој мандат споредбено со претходниот мандат бројот на издадени одобренија за градење, за нови станови за 86% намален, тоа значи многу помалку станови и многу повеќе вложување во инфраструктурата“, објасни Митески.

Градоначалникот истакна дека во Аеродром во исто време се градат основни училишта, детска градинка како и спортски сали.

„Во изминатава година во Аеродром за прв пат во исто време се градат и основни училишта и детска градинка и спортска сала, нешто што досега не се случило 20 години откако постои општината, заедно со мојот тим градиме проекти коишто не се само железо и бетон проекти коишто не се само хартија, туку проекти коишто ќе значат насмевки, коишто ќе значат радост, проекти од коишто ќе извадиме утре идни спортисти, вложуваме во спортска инфраструктура, во изминативе четири години работевме апсолутно во интерес на граѓаните во решавање на проблемите“, дециден е Митески.