На телевизија Алфа во емисијата „За или против“ вечерва гостуваше портпаролката на Влада и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева која дискутираше за безидејноста на СДС и дека поразот кој ќе го добијат на локалните избори ќе им биде показател за тоа дека треба целосно да се реформираат и реорганизираат како партија.

„За безидејноста којашто се случува во СДС, мислам дека поразот којшто ќе го доживеат на овие локални избори ќе им биде доволен показател за тоа како треба навистина да се посветат на целосна реорганизација и реформирање на структурите и начинот на делување и од аспект на опозиција“, истакна Митева.

Митева посочи дека кој и да биде противкандидат на Орце Ѓорѓиевски ќе се соочи со пораз.

„Кој и да биде противкандидат на Орце Ѓорѓиевски ќе ги загуби изборите односно ќе има убедлива победа на Орце уште во првиот круг во градот Скопје и во останатите општини се разбира. Ние веќе како политичка партија објавивме четириесеттина имиња за градоначалници, до крајот на месец јули ќе објавиме уште, и во првата половина на август ќе го заокружиме целокупниот процес на објавување на кандидатите за градоначалници“, рече Митева.

На крај Митева посочи дека кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се силни и докажани луѓе кои и покрај опструкциите од страна на СДС и ДУИ реализирале голем број на проекти.

„Тоа се силни докажани луѓе коишто навистина имаат резултати зад себе, тоа се луѓе коишто се посветија на работа и на реализација на програмата, тоа беа градоначалници а извршната власт од СДС и ДУИ навистина ги опструираше и блокираше, но успеаа и со такви опструкции да реализираат голем број на проекти од својата програма. Ќе понудиме нешто што навистина значи промена нешто што  навистина значи подобар живот за граѓаните и сум убедена во голема победа“, децидна е Митева.