Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска ги потпиша решенијата за распишување на 7. претседателски и 11. парламентарни избори од осамостојувањето на државата.
Првиот круг од изборите за претседател ќе се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со изборот за пратеници во Собранието, односно парламентарните избори.
Согласно одредбите од Изборниот законик, како што изјави собранискиот спикер на попладневната прес-конференција, роковите за спроведување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавување на решенијата за распишување на изборите во „Службен весник“.
„Верувам дека во предизборниот период што претстои сите надлежни иснтитуции и сите иноволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО и држава која го оди патот кон полноправно членство во ЕУ“, изјави Митрески на денешнта прес конференција.
Во обраќањето на прес-конференцијата, собранискиот претседател кажа оти во последните изборни процеси земјава покажала оти има капацитет да организира демократски избори согласно европските вредности и принципи и порача дека стандардите кои се воспоставени мора само да се унапредуваат и надградуваат.
„Можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат својот став е врвен чин на демократијата. Тоа е можност граѓаните преку својот глас да ја определат својата иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува“, додаде Митрески.
Според одредбите од Изборниот законик, изборот за претседател на државата се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател, додека редовните избори за пратеници се одржуваат секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на претходниот пратенички состав.