Никола Митревски беше фантастичен на вечерашниот дуел против Унгарија (27-27) на стартот од СП во Вараждин, откако со 14 „фатени“ топки беше најзаслужен за големиот бод против фаворитот.
Тој ја „спушти ролетната“ на голот и ги исфрустрира унгарските бомбардери со неверојатните одбрани. По мечот, чуварот на мрежата на Пелистер, сепак, беше разочаран од крајниот епилог, со оглед што жолто-црвените имаа голема шанса да дојдат до победа.
„Сите велат дека сме освоиле голем бод вечерва во Вараждин. Секако дека тоа е точно, но за мене најточно е да се каже дека ние за жал загубивме еден бод. Бевме блиску до победа, нијанси фалеа, а и немавме среќа во финишот. Нема збор за неискуство или нешто друго, едноставно ова е спорт и се случуваат грешки дури и во клучните моменти. Горд сум на целата екипа, на моите соиграчи. За ова работевме, за ова не излеговме од сала изминативе 25 дена, за ова пропуштивме многу моменти со семејствата. Им благодарам на сите што не бодреа од трибините, направија да се чувствуваме како дома, тие ни го носеа потребниот ветер“, изјави Митревски.
Голманот верува во добра игра и на средбата против Холандија.
„Имаме помалку од 48 часа до мечот со Холандија, која исто така е силен противник. Но, периодов се подготвувавме и за нив и верувам дека ќе одиграме на исто ниво и дека со помош на публиката повторно ќе дојдеме до позитивен резултат“, дополни чуварот на мрежата.
Македонија против Холандија ќе ги одмери силите задутре (петок) исто така во Вараждин.