Македонија повторно твоја, Македонија повторно горда. Седум години го чекавме овој момент, моментот кога народот конечно јасно и гласно, недвосмислено и со огромно мнозинство избра победник за парламентарните избори. Победник избран од народот, на народот, за народот. Победник кој никогаш нема да си подигрува со своите сограѓани, со народниот интелект, дигнитет, култура, јазик, историја и иднина, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во своето обраќање од собраниската седница за избор на новата македонска Влада.

Таа посочи дека граѓаните покажаа и докажаа дека со нив не се игра, а особено не се игра „ол ин“ затоа што тие не дозволуваат да бидат понижени, посрамени, обезличени и обезглавени, тие не дозволуваат да бидат мамени, манипулирани, лажени и ограбувани.

„Овој народ е горд. Има долга и голема историја. Тој минал многу премрежија, па го мина и ова невреме, па дојде по своето и си го кажа своето јас. Им покажа на сите оние кои глумеа елита, изигруваа чисти, културни и демек продуховени дека секое негово потценување и навреда ниту се заборава, ниту минува неказнето. Оти само тој, народот е суверен колку и тоа да им звучи нестварно на оние кои до денес беа на Илинденска. Народот над и пред се“, рече Мизрахи.

Зборувајќи за предизвиците, потешкотиите и притисоците со кои опозицијата како и македонските граѓани се соочуваа изминатите години, Мизрахи посочи дека сета таа жртва, издржливост и битката за подобро утре беше жртва за иднината на децата на Македонија.

„И ете, народот го победи стравот, а надежта очајот. Таа надеж значи дека денес тука нашиот народ добива своја влада и нема повеќе да биде заробена од некоја си влада, а таа надеж е Влада од народот, на народот и за народот. Влада која произлегува и никогаш нема да заборави дека им припаѓа на оние кои  ставаат храна на масите, на оние кои ги образуваат и воспитуваат нашите деца, на оние кои не лекуваат, на оние кои не бранат и не чуваат. На сите нам. Влада која нема да го гледа Собранието, домот на граѓаните како инструмент, а пратениците како гласачка машинерија, туку како разум и глас на народот во највисокиот орган на Македонија и кон нив ќе се однесува со исклучителна почит, бранејќи ги дигнитетот и просперитетот на нацијата“, истакна Мизрахи.