Имам сознанија дека се заглавени дури 8500 предмети за нега на трето лице, а нашите информации велат дека постојат сомневања за злоупотреби и неосновано одземање на истата од граѓаните на кои им е најмногу потребна, изјави денеска на прес-конференција техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

На овој проблем, Мизрахи нагласи дека посебно ќе се ангажира во периодот.

– На таквите поплаки и реакции мора да се одговори. Ќе биде темелно прочешлано на кој начин и како се дадени согласностите за нега на трето лице, но и на кој начин се одземани и не се доделувани овие права. 8500 заглавени предмети укажува на тоа дека системот не функционира, дека има луѓе на кои им е потребна помош во овој момент, а не ја добиваат, изјави Мизрахи.

Во јавноста, посочи Мизрахи, се прави и манипулација со опфатот на деца во предучилишно образование.

– Беше кажано дека до 50 проценти ќе се  зголеми опфатот на деца од предучилишно образование. А пред некој ден, беше изнесено дека дури и 100 % зголемување на таа иста бројка. Не само што не стигна до 100 проценти, туку реалните бројки се далеку помали, изјави Мизрахи.

Посочи дека на нејзина иницијатива ќе се формира Комисија која ќе направи ревизија на сработените работи и ќе ги утврди сите неправилности кои се направени изминатиот период.

– Од Министерство на проблеми, мора да станеме Министерство за решенија. Тимот на ова министерство се и секогаш ќе бидат граѓаните на Република Македонија, изјави Мизрахи.

Нагласи дека не може да направи промена на светот за три месеци, но дека ќе се потруди она што е нејзин домен да не наликува на изминатите три години