Граѓаните на Мјанмар денеска го критикуваа договорот постигнат во Џакарта на самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН), на кој присуствуваше и лидерот на воената хунта во Мјанмар, генералот Мин Аунг Хлаинг, јавуваат британските медиуми.
Критичарите сметаат дека на договорот му недостасуваат клучните точки – враќање на демократијата и одговорноста на армијата за смртта на неколку стотици цивили за време на протестите, кои излегоа на улиците по соборувањето на владата на демократски избраната премиерка Аунг Сан Су Чи на 1 февруари годинава.
Еден ден по средбата на лидерите на АСЕАН со генералот Хлаинг, на кој тој се согласи да го прекине насилството, но не претстави и план како тоа ќе го изведе, засега низ поголемите градови на Мјанмар нема протести.
Како што беше најавено по самитот вчера, постигнат е консензус за пет точки – насилството ќе заврши, ќе почне конструктивен дијалог меѓу сите страни, специјален претставник на АСЕАН ќе го следи дијалогот, ќе го посети Мјанмар и ќе дозволи помош за земјата.
Во договорот, меѓутоа, не се споменуваат политичките затвореници, иако има индиции дека тие се ослободени.
Здружението на политички затвореници ја обвинува воената хунта за убиство на 748 лица од почетокот на граѓанската непослушност и демонстрациите што почнаа по 1 февруари и дека повеќе од 3.300 лица се наоѓаат во затворите.