Командантот на армијата на Мјанмар, генералот Мин Аунг Хлаинг, денеска пристигна во Џакарта на средба со лидерите од регионот во рамките на самит на АСЕАН, што е негово прво патување во странство откако хунтата под негово водство на 1 февруари ја презеде власта во Мјанмар.

Британските медиуми пренесуваат дека снимки од претседателската палата потврдуваат дека тој пристигнал во главниот град на Индонезија, Џакарта.

Разговорите во главниот град на Индонезија ќе бидат прв регионален состанок за решавање на кризата во Мјанмар, а ќе учествуваат лидери и министри за надворешни работи од 10 земји-членки на АСЕАН.

И покрај ризикот од бегалска криза, па дури и граѓанска војна во Мјанмар, 10-те членки на АСЕАН се поделени околу тоа дали треба да се преземе нешто против хунтата.

Би-Би-Си проценува дека оваа поделба е изразена по географските линии, а земјите без излез на море, најблиски до Кина, се противат на интервенција во Мјанмар, додека поморските земји, најоддалечени од Кина, се залагаат за интервенција, а домаќинот Индонезија најмногу се залага за колективен одговор на кризата.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ги повика земјите од АСЕАН да ја решат кризата и да спречат можни сериозни хуманитарни последици надвор од Мјанмар.

Специјалниот пратеник на ОН за Мјанмар, Кристин Шранер Бургенер, ќе престојува во Џакарта на состаноци на маргините на самитот на АСЕАН, на кој присуствуваат Малезија, Сингапур, Виетнам, Брунеи, Камбоџа, Индонезија и Мјанмар.