Судот во Мјанмар, каде воената хунта е на власт од 1 февруари, повторно го одложи изрекувањето на пресудата во еден од случаите против соборената лидерка Аунг Сан Су Чи.

Пресудата за случајот во кој таа е обвинета за незаконско внесување и поседување воки-токи е одложена за 10 јануари, соопшти извор близок до случајот.

За тоа Аунг Сан Су Чи би можела да добие три години затвор, но тоа е само едно од бројните обвинувања против неа, кои според аналитичарите имаат за цел дефинитивно да ја тргнат од политичката сцена.

Обвиненијата се однесуваат на првите часови од пучот, кога војници и полицајци упаднале во нејзиниот дом, каде наводно пронашле незаконски материјал.

Аунг Су Чи, 76-годишна добитничка на Нобеловата награда за мир, е ставена во домашен притвор по државниот удар на 1 февруари. На тој датум, армијата ја врати моќта во земјата и стави крај на краткиот демократски период.

Демонстрациите во земјата против пучот беа задушени во крв, со повеќе од 1.300 убиени луѓе и 11.000 уапсени, според локалната мониторинг група.

На почетокот на овој месец, поранешната шефица на цивилната влада беше осудена во посебен случај на четири години затвор за поттикнување јавни немири и кршење на здравствените мерки поврзани со Ковид, а пресудата беше остро осудена од меѓународната заедница.

Лидерот на воената хунта, Мин Аунг Хлаинг, набрзо ја преполови казната на две години затвор и најави дека ќе ја одлежи во домашен притвор во главниот град Најпјидау.

Таа, исто така, беше обвинета за неколку точки од обвинение за корупција, од кои секоја носи по 15 години затвор, и за кршење на законите за службени тајни.