До крајот на годинава и официјално треба да профункционираат првите три канцеларии за економска промоција на земјава: во Турција, Германија и САД.
За почеток, во нив ќе работат по две лица, еден раководител и негов заменик, а фокусот ќе им биде презентација на слободните економски зони и привлекување компании од областа на индустријата.
Како што соопшти денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Александар Младеновски, привршува изготвувањето на легислативниот дел за „економските канцеларии“. До крајот на јуни се очекува да биде заокружен, а во септември-октомври канцелариите да бидат отворени.
-Допрва ќе се утврдува дали и колку ќе се проширува персоналот во центрите за промоција. Идејата е тие да не ја чинат државата колку што ја потрошија претходните економски промотори. Се уште се размислува и за тоа како ќе биде регулиран статусот на ангажираните лица, дали со привремени решенија или договори. Се работи на два концепта, но кончено ќе се знае кога ќе биде готов законот. Дефинитивно е само дека во фокусот на канцелариите ќе биде промоцијата на слободните економски зони и привлекувањето индустриско производство, истакна Младеновски на брифинг со новинарите, дополнувајќи дека според Дирекцијата, „промоторите“ не треба да бидат дипломати.
Одговарајќи на новинарски прашања, директорот рече дека уште шест – седум компании склучиле договори за државна помош според Планот за економски раст и уште толку чекаат на потпишување. Дел од договорите се веќе објавени во Службен весник, а наскоро сите ќе бидат достапни и на страницата на Дирекцијата на ТИРЗ.
Освен на „Џонсон Мети“, на кој веќе му е истечена државната помош, десетгодишната подддршка ќе престане да важи и за уште некоку компании.
-Не верувам дека поради тоа некоја од компаниите ќе замине од земјава. Државната помош не е клучниот фактор поради кој компаниите одлучуваат да дојдат тука, да останат или да си заминат. Најбитниот дел им се инфраструктурата и работната сила зашто планираат долгорочно. Уверен сум дека ќе генерираме потребен кадар, а наскоро финално ќе ја комплетираме и инфраструктурата во зоните. Сега, треба да се задржат квалитетните работни места и тоа е првото што се дискутира на средбите со инвеститорите, подвлече директорот.
Додаде и дека се помалку парцели во ТИРЗ-овите се слободни. Веќе почнува реализацијата на „Скопје 3“, а се работи и на зоните во Прилеп, Струга, Штип, Кичево…
Засега во слободните економски зони во земјава се функционални 24 инвеститори, додека 18 се во фаза на реализација на своите вложувања.
Во однос на оценката „нула“ што и ја дадоа германските вложувачи на Владата, Младеновски посочи дека се работи за незадоволство од наглите промени на законите и оневозможувањето долгорочно да се планира, а не од работата во зоните.
Директорот нагласи и дека земјава мора да работи на усогласување на царинските стапки со ЕУ зашто во моментов практично се штити производство кое одамна не постои.
Младеновски на брифингот го најави претстојниот Самит на европски слободни зони, што ќе се одржи од 2 до 4 мај во Скопје. Рече дека ќе учествуваат претставници од речиси цел свет, од Колумбија до Казахстан, Европа и други континенти. Државната помош и нелегалната трговија во зоните ќе бидат само некои од темите на Самитот, а ќе се потпише и меморандум за соработка со светските економски зони со цел, како што истакна, земјава да биде опфатена во т.н. безбедни зони.