Поранешниот воен лидер на босанските Срби, Ратко Младиќ, преку својот адвокат, побара привремено ослободување од затвор поради влошена здравствена состојба, јави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на соопштение од Меѓународниот резидуален механизам за кривичните судови во Хаг.
Во барањето се наведува дека медицинската служба на судот го информирала Младиќ и неговото семејство дека болеста му е неизлечива и дека е преминато на палијативна нега со фокус на крајот на животот.
Младиќ, кој беше командант на војската на Република Српска за време на војната во Босна и Херцеговина (1992–1995), е осуден на доживотен затвор поради геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите за водење војна.
Адвокатите на Младиќ наведуваат дека му остануваат само неколку месеци живот, и дека поради ваквата состојба нема ризик од бегство.
„Ограничениот животен век е суштинско хуманитарно прашање кое мора да биде приоритет“, се додава во поднесокот.