Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) 90 милиони луѓе западнаа во екстремна сиромаштија од почетокот на кризата со Ковид-19.
Заменик-директорот на ММФ, Џефри Окамото во обраќањето на Кинескиот форум за развој истакна дека земјите во развој, со исклучок на Кина, во периодот од 2020 – 2022 година ќе имаат за 22 отсто понизок доход по глава на жител.
– Според ММФ, 90 милиони луѓе паднаа во екстремна сиромаштија од почетокот на кризата. Најранливите групи се млади луѓе, нискообразовани и жени, истакна Окамото.
Според Окамото, нејасно е колку ќе трае здравствената криза, поради нови мутации на вирусот. Тој истакна дека очекува пандемијата да остави длабоки траги во глобалната економија.
Јазот исто така се зголемува помеѓу развиените и земјите во развој. Во јануари, ММФ објави дека очекува глобален економски раст од 5,5 проценти во 2021 година, но според последните најави, прогнозата ќе биде корегирана. ММФ ги повика развиените земји да помогнат во пристапот до вакцините.
Според ММФ, некои земји вложуваат во силни стимулации за обнова на економијата, но во исто време други земји немаат доволно средства за поддршка на економијата за време на пандемијата.