Софија му замерува на Скопје што во законските измени неодамна донесени, се забрануваат фашистички и нацистички имиња на здруженијата, но не и имиња од комунизмот.
„Посебен проблем е одлуката на Собранието на … Македонија воопшто во измените да не го вклучи комунизмот како тоталитарна и репресивна идеологија. Сè уште нема законска мерка или механизам за рехабилитација и обесштетување на убиените и повредените за време на комунистичкиот режим во поранешна СР Македонија, кои биле прогонувани и репресирани исклучиво поради нивниот бугарски идентитет“ пишува во реакцијата.
Понатаму, МНР на Бугарија оценува и дека ваков вид на законски измени го попречува ефективното и сеопфатно спроведување на Договорот за добрососедство и порачува дека очекува властите во Македонија да гарантираат еднакви права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучително и на Бугарите.
„Тоа се однесува на слободното изразување на нивните историски ставови и верувања во услови на плуралистичко општество, како и на можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри. Во духот на стратегијата Едно општество за сите, властите во … Македонија треба да ги обезбедат неопходните услови за претставниците на етничките заедници да може да ја зачуваат и развиваат својата култура и главните елементи на нивниот идентитет, традиции и културно наследство“ вели бугарското МНР.
Реакцијата од Софија завршува со пораката дека правото на слободно здружување, мирно собирање, слобода на говор и слобода на уверување треба да им се гарантира на сите граѓани на државата.