Русија е изненадена од оцените на Високиот претставник на Европска Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за неговата посета на Москва објавен на неговиот блог по враќањето во Брисел, бидејќи тие се разликуваат од неговите претходни изјави, соопшти синоќа руското Министерство за надворешни работи.
– Бевме изненадени кога ги прочитавме оцените за посетата, тие прилично се спротивни со неговите изјави дадени на прес-конференцијата во Москва, се посочува во соопштението на руското МНР.
Во соопштението се посочува дека никој не го ограничувал Борел ниту со време ниту со формат.
Борел по враќањето во Брисел на својот блог напиша дека Русија се повеќе се оддалечува од ЕУ и оти Москва не сака да ја искористи можноста за конструктивен дијалог.
Тоа беше прва посета на шеф на европската дипломатија на Москва од 2017 година. Борел престојуваше во Русија од 4 до 6 февруари, при што имаше средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.