Во Рабат се одржаа политички консултации меѓу делегации на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија и Министерството за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, предводени од заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски и генералниот директор за меѓународни политички прашања во Министерството за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници на Кралството Мароко, амбасадорот, Фуад Јазур.

На пленарната сесија, како што информираат МНРиНТ, во Министерството за надворешни работи, африканска соработка и марокански иселеници биле разгледани прашања поврзани со севкупните односи меѓу двете земји, како што е политичкиот дијалог, парламентарната соработка и претстојните посети на високо ниво, особено во пресрет на одбележувањето на 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи следната година.

Посебно внимание било посветено на економските односи и можностите за соработка во трговијата, инвестициите, енергетиката, туризмот и образованието, со акцент на стратешката позиционираност на двете земји како важни крстосници и нивниот потенцијал за унапредување на постојните транспортни и логистички коридори.

-Нашата стратешка позиција на Коридорите 8 и 10, како и улогата на Мароко како врата кон Африка, создаваат можност за продлабочување на соработката во логистиката, енергетиката и дигиталната инфраструктура. Нашата заедничка цел е да овозможиме простап до комплементарните пазари, европскиот за Мароко и африканскиот за Македонија, преку поинтензивна економска и инфраструктурна поврзаност, истакнал Димитровски.

Двете страни се осврнале и на мултилатералната соработка, пред сè во рамките на Обединетите нации и Унијата за Медитеранот, како и на регионалните и глобалните прашања – од состојбите во Западен Балкан и регионот MENA, до актуелните безбедносни предизвици поврзани со Украина, Блискиот Исток и Африка. На разговорите е разговарано и за збогатување на постојната билатерална договорна рамка и финалните подготовки за потпишување на неколку билатерални акти.

Како што посочуваат од МНРиНТ, посетата на Рабат започнала со кратка, протоколарна средба на заменик-министерот Димитровски со министерот за надворешни работи на Кралството Мароко, Насер Бурита, кој посакал успешна работа и ги изразила своите очекувања посетата да претставува добра основа за понатамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји.

Во рамки на посетата на Кралството Мароко, делегацијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија остварила средби и со државниот секретар во Министерството за индустрија и трговија задолжен за надворешна трговија, Омар Хеџира, како и со претседателката на парламентарната група за пријателство со Собранието на Република Македонија во Претставничкиот дом на Кралството Мароко, Каула Ел Харчи, при што биле потврдени одличните заемни односи и перспективите за нивно натамошно унапредување во непосредниот период.

Во текот на посетата, од двете страни било потврдена волјата силната политичка релација да прерасне во подинамична и посеопфатна секторска соработка која ќе доведе до динамизирање на економските и трговските односи меѓу двете земји.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски одржа и предавање во Кралскиот институт за стратешки студии, при што говорел за приоритетите во надворешната политика на Република Македонија.