Од Министерството за надворешни работи (МНР) велат дека повлекувањето на досегашниот амбасадор во Јапонија е спроведено во редовна постапка, во согласност со законските прописи и внатрешните уредби во министерството и со почитување на сите процедури.
„Во оваа прилика дозволете да информираме дека Комисијата во рамките на Министерството, како причини за повлекувањето на амбасадорот констатираше причини кои не се совпаѓаат со нападите изнесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници. Со пласирањето шпекулации и непроверени наводи кои не се потврдени, се нанесува лична штета кон човекот, кон неговото семејство, и неговите блиски; со ова однесување ВМРО-ДПМНЕ не само што го изгуби човечкиот компас, туку и директно ѝ нанесува штета на дипломатијата и на односите со пријателска земја како што е Јапонија“, велат од МНР.
Како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, отповиканиот македонски амбасадор во Токио, Горан Цеков, неколкупати бил пријавуван за сексуално вознемирување не само од јапонски државјанки, туку и од колешка во амбасадата. Опозицијата бара министерот за надворешни работи, Бујар Османи да ги изнесе јавно сите податоци од извештајот за дисциплинската комисија каде се наведени сите детали за овој чин. Цеков има рок од пет дена да се врати во Македонија.